„Тоа се доверливи документи направени од војската и ми ги дадоа. Како претседател, можев да им ја тргнам ознаката за тајност, да ги декласифицирам. Сега тоа веќе не можам да го направам, но ова е сè уште тајна“, лежерно ги коментирал поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, документите на Пентагон со планови за напад на Иран.
Американските медиуми дојдоа до аудио снимка на која Трамп му се фали на писателот на автобиографијата, Марк Медоус, поранешен шеф на кабинет на Трамп, дека има „строго доверливи“ документи.
Средбата се одржала во 2021 година во голф-клубот на Трамп, „Бедминстер“ во Њу Џерси, откако тој ја напушти претседателската функција.
„Што утврди оваа лента? Доналд Трамп имал доверливи информации кои се однесуваат на воени планови. Тој знаеше дека тоа е тоа. И на овој или оној начин, ги сподели информациите со аутсајдери, надворешни лица без безбедносен сертификат“, истакна американскиот адвокат Ели Хониг.
Аудио-снимката беше ексклузивно емитувана на Си-Ен-Ен, во емисијата „Андерсон Купер 360°“. Освен што покажува дека двапати отповикуваниот поранешен претседател не е способен да ги следи правилата и законите, снимката го открива и незамисливиот размер на егото на Трамп, што ги надминува барањата на националната безбедност.
Иако протекувањето на снимката не предизвикува никакви дополнителни правни главоболки за поранешниот претседател, сè уште не е јасно какво влијание би можело да има врз гласачите додека Трамп се натпреварува за републиканската претседателска номинација.
Некогашниот американски претседател се изјасни за невин по 37 точки од обвинението што го подигнаа против него федералните обвинители за, наводно, задржување доверливи владини документи и попречување на напорите на владините претставници да ги вратат во Белата куќа.
Специјалниот обвинител во истрагата за Трамп, Џек Смит, претходно „симна“ делови од двеминутната снимка и ги цитираше во федералното обвинение.
Обвинителите тврдат дека поранешниот претседател во два наврати покажал доверливи документи на луѓе без безбедносен сертификат, на писателот и на уште двајца вработени во Клубот.
Трамп во минатонеделното интервју за „Фокс Њус“ рече дека нема никакви доверливи документи, туку дека на вработените и на писателот им покажувал написи од дневни весници и списанија.
Откако снимката беше објавена на Си-Ен-Ен, Трамп ги нападна обвинителите на својата веб-страница, нарекувајќи го Смит „полуден“ и го обвини за заговор со Министерството за правда и ФБИ за „нелегално“ да им ја дадат снимката на медиумите.
Да потсетиме дека, според деталите од обвинението, Трамп чувал доверливи документи во бањата, а меѓу документите имало и чувствителни воени тајни на САД, вклучувајќи ги и оние за нуклеарната програма и потенцијалните ранливости на земјата во случај на напад.
Во првата точка од обвинението пишува дека Трамп имал пристап до најдоверливи документи и информации за националната безбедност.
Трамп ги стави своите правни проблеми во центарот на неговата кампања – прикажувајќи се себеси како невина жртва на политички прогон.Иако ова може да биде добра стратегија на републиканските прелиминарни избори, прашање е колку ќе му се исплати на претседателските избори во ноември, доколку тој биде кандидат на Републиканците.
„Секогаш кога радикалните леви демократи, марксисти, комунисти и фашисти ќе ме обвинат, јас го земам тоа како орден – голем, голем, убава орден за чест и храброст“, рече Трамп во вторникот, обраќајќи им се на поддржувачите во Њу Хемпшир.
Постојат многу докази кои упатуваат на тоа дека стратегијата на поранешниот претседател би можела да биде успешна, барем на предизборите.
Последните анкети на Си-Ен-Ен покажуваат дека 54 отсто од републиканците и гласачите наклонети кон републиканците мислат дека однесувањето на Трамп не им е важно додека ја разгледуваат неговата кандидатура, затоа што претседателската ефикасност е поважна.
Само 26 отсто од републиканските гласачи рекоа дека Трамп треба да ја прекине својата кампања поради федералните обвиненија.
Исто така, новата национална анкета на „Ен-Би-Си Њус“ покажа дека шест од десет републиканци веруваат дека обвиненијата и истрагите со кои моментално се соочува Трамп се политички мотивиран „лов на вештерки“ што против него го води „длабоката држава“.
(Фото: АП)







