Преспанскиот договор ќе биде топ тема на следните предвремени парламентарни избори. Иако со овој договор се отвори патот за членството во НАТО и за почеток на преговорите со Унијата, власта и опозицијата и во следната изборна кампања ќе се препукуваат за неговите предности и слабости.
Преспанскиот договор, потпишан во јуни 2018 година, беше тема и од предизборната кампања за претседателските избори одржани во 2019 година.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вчера изјави дека укинувањето на Договорот од Преспа со Грција, кое го најави ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде опасно. Тој уште додаде дека не верува во победата на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, уште помалку дека оваа партија ќе освои 2/3 мнозинство за да го смени Договорот.
„Дали ВМРО-ДПМНЕ се свесни што ќе се случи ако се уништи Преспанскиот договор? Укинувањето би не вратило 25 години наназад и би го вратило ПЈРМ односно ФИРОМ, име со кое бевме именувани на сметка на уставното име. Тоа ќе значи укинување на членството во НАТО, губење на ЕУ перспективата, губење на милијарда евра инвестиции. Без договор од Преспа, ќе исчезне поддршката од нашите стратешки партнери, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти“, рече Заев вчера на прес-конференција.
Укинувањето на договорот, потенцираше Заев, е опасна работа. Затоа, истака тој, целата демократска јавност и СДСМ биле тука за да гарантираат дека договорот ќе живее и дека ќе донел иднина за нашата земја.
Коментирајќи ја оваа изјава на Зоран Заев, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, рече дека тие не се закануваат, туку го кажуваат она што го мислат граѓаните и тие како политички субјект.
„Ние стоиме зад тоа дека овој договор е штетен. И ќе биде штетен и ќе остане штетен бидејќи се задира во идентитетот, се задира во се она македонско. Ние веќе неколку пати кажуваме дека доколку граѓаните ни дадат шанса ние ќе пробаме да го ревидираме. Не се закануваме по никого, сакаме да имаме пријатели насекаде, но се разбира не треба да се срамиме од тоа што сме и никогаш нема да се срамиме. Ние сме Македонци и ќе останеме Македонци каде и да сме”, изјави Мисајловски.
(Фото: Нова Македонија)







