Македонија го потпиша Договорот со ФРОНТЕКС, а ќе добие и финансиска поддршка од 80 милиони евра за справување со енергетската криза. Сo ова, како што истакнаа по вчерашната средба, премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, се исполнува ветеното, но и продолжува соработката во процесот на преговорите.
Договорот со ФРОНТЕКС е потпишан на македонски јазик и е прв ваков официјален документ меѓу земјава и Европската унија.

„Ви ветив дека ќе го потпишеме Договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик, без фусноти и ѕвездички, на еднакво рамниште со сите 24 јазици на ЕУ и денес испорачуваме резултати. Овој Договор не е важен само зашто ја зацврстува нашата соработка за миграцијата, туку и зашто покажува дека нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и целосно го почитуваме тоа“, рече Урсула Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со Димитар Ковачевски.
Фон дер Лајен оцени дека Македонија се движи напред, по европскиот пат.
Премиерот Ковачевски, меѓу другото, истакна дека потпишувањето на овој Договор е ветувањето што го дал и ветување што го исполнил.

„Со овој Договор ќе можеме заеднички да се справуваме со нелегалната миграција и заеднички да одговориме на предизвиците, но овој пат тоа ќе го правиме од нашата територија заедно со силите на ФРОНТЕКС“, посочи тој.
Договорот беше потпишан вчера од чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ, и еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, во име на ЕУ, од една и од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во име на Македонија од друга страна.

Претседателката на ЕК при вчерашната посета на Скопје го презентираше и грантот од 80 милиони евра, итна буџетска поддршка од Унијата за справување со енергетската криза во земјава, што ќе биде достапен од јануари.
„Дополнително, обезбедени се и 500 милиони евра во грантови за регионот за инвестирање, што се неопходни за Европа да ја добие независноста во енергетиката“, изјави Фон дер Лајен.
Овие средства се дел од пакетот за енергетска поддршка за целиот Западен Балкан што го обезбеди ЕУ за да им помогне на државите да се соочат со влијанието што зголемените цени на енергијата го имаат врз граѓаните и бизнисите.
Премиерот Ковачевски истакна дека во наредните два месеци ќе бидат направени сите формалности и веќе во јануари ќе можат да се повлечат средствата за буџетска поддршка.
„Тоа значи дека тие финансиски средства во најтешките месеци, јануари, февруари, март ќе можат да бидат искористени за справување со енергетската криза, односно за намени коишто Буџетот ќе ги предвиди со Буџетот за 2023 година, што наскоро ќе биде одобрен на Влада и ќе биде влезен во Собранието“, вели Ковачевски.
Урсула фон дер Лајен вчера во Скопје ја започна посетата на земјите од Западен Балкан. Таа денеска ќе отпатува во Приштина и Тирана, в петок ќе ги посети Сараево и Белград, а во сабота ќе оди за Подготрица.








