Маж на околу четириесетгодишна возраст денеска претпладне ја прескокна оградата на Амбасадата на Србија во Атина, пренесуваат грчки интернет медиуми како вонредна вест. Во инцидентот, според извори од српската амбасада, нема повредени.
Си-Ен-Ен Грис јави дека човекот бил пијан, дека полицајците успеале да му го одземат ножот и дека ќе го одведат во управата на полицијата.
Упадот што се случи околу 9.30 по локално време (10.30 по средноевропско) го пријавил грчки полицаец, чувар на Амбасадата.
Веднаш пристигнале силни полициски сили и полициски преговарач за да се обиде да воспостави контакт со човекот кој влегол во Амбасадата.
Според едни медиуми тој човек бил во дворот на Амбасадата, а според други во зградата и не се знаело дали држи заложници, а токму медиумите јавија дека е српски државјанин.
Српскиот амбасадор Душан Спасојевиќ изјави денеска дека никој не е повреден во нападот на вооружениот маж на Амбасадата на Србија во Атина и дека полицијата сеуште ги истражува околностите на тој инцидент.
„Ниту еден од вработените во Амбасадата ни кој било од членовите на нивните семејства не е повреден. Напаѓачот, исто така, не е повреден“, Душан Спасојевиќ, амбасадор на Србија во Грција
Тој наведе дека мажот вооружен со два ножа упаднал во зградата на Амбасадата утринава малку пред 9.00 часот и дека не е познато како тоа го сторил.
„Претпоставуваме дека ја провалил металната врата од конзуларното одделение и потоа исчезна во зградата“, рече српскиот амбасадор во изјавата за белградската агенција.
Спасојевиќ додава дека полицијата веднаш реагирала и го совладала напаѓачот три часа после неговиот упад.









