Државна видеолотарија денеска донираше 200.000 денари на Друштвото на физичари на Република Македонија. Донацијата има за цел да им овозможи на младите средношколци-истражувачи да добијат нормални услови, во кои ќе можат да го развиваат и да го надградуваат својот талент, а притоа да бидат успешни амбасадори кои ќе ја претстават земјата во одлично светло пред меѓународната јавност.
„Ќе ги набавиме неопходните апарати за опремување на соодветна лабораторијата со средства за лабораториски вежби и истражување. Лабораторијата е неопходна за да можат младите и талентирани ученици физичари да се подготвуваат за меѓународни олимписки натпреварувања. Република Македонија повеќе од 20 години испраќа млади физичари на олимписките натпреварувања. Освоените медали и признанија говорат за нашите млади таленти“, истакнуваат од Друштвото.
Проф. д-р Боце Митревски и доц. д-р Ламбе Барандовски, менторите на македонската екипа оваа година, се сигурни дека нивните ученици се добро подготвени. Во тек се, велат, подготовките за учество на Европската и Светската олимпијада по физика, во јуни во Рига, Латвија, односно во јули во Тел Авив, Изреал.
Во декември, пак, ги очекува 16 Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки.
Државна видеолотарија посакува нашите олимпијци и годинава да бидат успешни, а нивното знаење да отвори нови предизвици и да создаде вредности кои ќе прераснат во убава идна насока на младите од земјава.
„Убаво е да се поддржуваат ваквите настани затоа што тие даваат нова надеж. Сите овие меѓународни натпреварувања се придобивка која ќе придонесе за популаризирање на природните науки, во овој случај физиката меѓу младите луѓе. Квалитетните услови во образованието се многу важни. Тие ќе бидат добар поттик за младите да ги усовршат и надградат своите знаења и способности, но и достојно да ја претстават нашата земја на сите натпреварувања како во земјава, така и надвор од неа. Ние, во рамки на својата општествено одговорна мисија, ќе настојуваме и во иднина да даваме поддршка на младите и талентирани луѓе, со цел да овозможиме мотивирање на нови знаења, но и нови успеси како во земјава, така и надвор од неа. Ние ќе продолжиме да ги поттикнуваме научно – образовните достигнувања, а воедно и ќе се залагаме нашите културни вредност да бидат претставени меѓу младите во светски рамки“, велат од Државната видео лотарија.







