Серијата земјотреси која продолжи на подрачјето на централна Хрватска, со епицентар во Петриња, предизвика нови материјални штети на објекти, а градоначалникот Даринко Думбовиќ вели дека ќе предложи евакуација на населението од центарот на тој град.
Од вчерашниот потрес во 18 часот, кој беше со јачина од пет степени по Рихтер, кризното подрачје го погодија уште десетина послаби земјотреси.
Думбовиќ за хрватските медиуми изјави дека нема повредени, но дека потресот има причинето нови штети.
„Земјотресот има иста цел секојдневно, епицентарот е во Петриња и околните места. Фрустрирани се многу луѓе, неизвесноста е тоа што го убива секој човек“, рече Думбовиќ.
Тој најави дека на денешниот состанок на пладне ќе бидат донесени некои важни одлуки, а се размислувало, изјави, и за евакуација.
Неговиот предлог бил да се евакуира строгиот центар на Петриња.
„Што се однесува за останатите, има објекти кои се опасни по живот во цела Бановина, во сите села, и тука треба внимателно да се реагира и да се каже: ‘Луѓе, вие не можете да бидете да бидете тука крај куќите ни секунда повеќе’…“, рече Думбовиќ.







