Европската полициска служба (Европол) и Глобалната сајбер алијанса (ГЦА) потпишаа спогодба за разбирање која подразбира соработка за смалување на системскиот сајбер ризик и подобрување на Интернет безбедноста во Европа и пошироко.
Како што се наведува во соопштението на Европол, спогодбата подразбира и заедничка борба против сајбер криминалот, размена на информации за најновите сајбер трендови, како и заеднички меѓународни проекти кои би требало да допринесат за безбедноста.
После потпишувањето на спогодбата, директорот на Европол, Роб Вајнрајт, истакна дека сајбер криминалот и интернет безбедноста се мултидисциплинарни прашања, а клучните оружја против сајбер криминалот мораат да бидат развиени така што криминалците ќе се држат на дистанца.
„Потпишувањето на спогодбата со организацијата како што е ГЦА, која е основана со цел да се спротиставува, решава и спречува сајбер активности, во согласност е со приоритетите на Европол“, рече Вајнрајт.
Според неговите зборови, тоа е од исклучително значење ако во обзир се земат другите области на криминалот, како што се тероризмот и трговијата со луѓе.
Претседателот на ГЦА, Фил Рајтингер, вели дека сме „бомбардирани со медиумски извештаи“ за сајбер напади и повреди кои загрозуваат чуствителни информации или нарушуваат инфраструктури.
„Соработката ќе биде фокусирана на резултат, кој треба да допринесе за намалување на системскиот сајбер ризик во Европа и светот“, напомена тој.







