Министрите за европски работи на 20 април ќе одржат неформална средба на која португалската министерка ќе ги информира своите колеги за состојбата со проширувањето кон Западен Балкан.
Ова ќе биде куса информативна точка на неформален состанок, а не точка за дискусија на формален состанок. Советот за општи работи одлучува за одржувањето на меѓувладината конференција со Македонија и Албанија и усвојувањето на преговарачката рамка, блокирана од страна на Бугарија од минатата година поради
билатералниот спор меѓу Скопје и Софија.
Неименуван европски дипломат денеска во изјава за МИА објаснил дека на 20 април ќе се знае повеќе какви се позициите на земјите членки за Македонија.
„Министерката ќе ги информира своите колеги до каде сме со проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација, што правиме од јануари и што ќе правиме во наредните месеци. Да почекаме министрите да зборуваат и португалската министерка за европски прашања да ја одржи информативната точка. Таа сигурно ќе информира кои се и какви се реакциите на земјите членки“, изјавил дипломатот за подготовката на овој Совет, на прашање дали Португалија очекува да се одржи меѓувладината конференција со Македонија или Албанија за време на ова претседателство.
(фото: МИА)