На информативен пункт поставен пред градскиот парк во центарот на Крива Паланка, одговорните од подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување денеска им поделија едукативни прирачници за заштита од пожари на граѓаните и им даваа совети за безбедно однесување и движење во природа во текот на летните горештини.
Како дел од кампањата на ДЗС која почна на 15 јули и ќе трае до 15 август, на територијата на целата земја и нашето подрачно одделение денес спроведе активности за делење прирачници и совети до граѓаните за намалување на ризиците од пожари.
Ваквата кампања на Дирекцијата за заштита и спасување има цел зачувување на шумите, а се реализира под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени – Природата е наша одговорност”.
Покрај едукацијата како да се намалат ризиците од пожари, ги информираме луѓето како да реагираат во случај на пожар, изјави Митко Ангеловски, раководител на ПО на ДЗС, Крива Паланка.
Целта на кампањата е да се едуцираат луѓето како да се однесуваат на отворен простор, особено во шумите со цел да се намалат ризиците од пожари.
ДЗС покрај основните препораки за однесување во летни услови во согласност со законот за заштита и спасување, презема и превентивни мерки за намалување на ризиците од пожари.






