Се чини дека Еквадор е се поблиску до одлуката да го укине азилот на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж и да го исфрли од својата амбасада во Лондон, објави американскиот истражувачки новинар Глен Гринвалд.
Еквадорскиот претседател Ленин Морено во петокот ја посети Велика Британија каде што се состана со тамошни официјални лица како би направил спогодба според која би бил укинат азилот на Асанж, а пак тој предаден на британските власти, објави Гринвалд на својата интернет страница „Интерсепт“.
Тој, повикувајќи се на извори блиски на еквадорскиот претседател и министерството за надворешни работи, наведува дека веќе на почетокот на следнава недела Асанж би можел да биде исфрлен од амбасадата на Еквадор.
Австралискиот државјанин Асанж се наоѓа во еквадорската амбасада од 2012 година, откако во Шведска беше обвинет за сексуален напад. Додека се наоѓа во амбасадата тој не може да биде уапсен.
Шведска во меѓувреме го повлече обвинението против него и се откажа од потерницата, но во Британија и понатаму му се заканува апсење затоа што тогаш не се јавуваше на судскиот повик.
Асанж тогаш веруваше, како што впрочем верува и сега, дека ако ја напушти зградата на амбасадата ќе биде испорачан на САД каде што ќе биде сослучуван за активностите на Викиликс.







