Турција е подготвена од програмата на средните училишта да ја исфрли Дарвиновата теорија за еволуцијата – „за да ги сочува локалните и националните вредности“.
Со ова Турција ќе стане втора повеќедоминантна муслиманска земја која донела таква одлука, после Саудиска Арабија.
Турските наставници тврдат дека теоријата на Дарвин е многу комплексна за тинејџерите и дека би требало да почекаат до факултет за да можат да се соочат со таквиот секуларен научен дискурс.
Одлуката би требало да стапи на сила во 2019 година.
„Ги исфрливме контроверзните предмети за учениците кои се во период во кој не можат да ја разберат проблематиката“, вели функционерот од Министерството за образование Алпасан Дурмуш.
Според неговите зборови, со исфрлувањето на теоријата на Дарвин сила ќе добијат „локалните и националните вредности на турското општество“, а таа одлука ја поддржа и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Дурмуш додаде и дека часовите по религија и морал, кои ќе бидат воведени како задолжителни, не треба да бидат во програмата за ученици од прво, пето и девето одделение, ако самите не ги изберат.
Во коментарите на ваквата одлука на турското Министерство за образование се наведува дека тоа е последица на желбата на власта да се намали влијанието на секуларизмот кој го воведе основачот на модерна турска држава Кемал Ататурк.
Групацијата на оние кои се противат на теоријата на Дарвин тврди дека таа е „во потполна спротивност со исламското учење“, додека на другата страна се зборува за потполно прифаќање или делумно, со наоѓање врски со исламските теории.







