Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го критикуваше начинот на кој САД се однесуваат кон судирот во Сирија, велејќи дека е „разочаран“ од Вашингтон.
Ердоган во телевизиското интервју вчеравечер за „ЦБС“ рече дека американската политика во Сирија резултирала со безбедносна закана на јужната граница на неговата земја и ја оставила Турција преплавена со три милиони бегалци.
„Морам да ја кажам вистината, а тоа е дека сум разочаран“, изјави тој.
Ердоган рече дека Турција на време укажувала на тие проблеми, дека за тоа разговарал со американскиот претседател Барак Обама и со потпретседателот Џозеф Бајден.
„Тие не реагираа и сериозно не се позанимаваа со тие проблеми, а тоа за нас е многу вознемирувачко“, рече турскиот претседател.








