Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, повика на итен прекин на огнот меѓу израелските и палестинските сили, но во исто време одби да го нарече Хамас терористичка група и го откажа планираното патување во Израел, пишува „Гардијан“. Турскиот лидер повика Израел да ги запре нападите врз Газа, но и на запирање на нападите врз Израел.
Со зборови кои би можеле да предизвикаат жестоки реакции во Израел, Реџеп Тајип Ердоган го опиша Хамас како ослободителна група која се бори да ја заштити својата татковина. Рече дека Израел ги искористил добрите намери на Турција и дека нема да оди во таа земја како што претходно беше планирано. Но, додаде дека нема проблем со израелската држава, туку со израелската политика.
Порача оти „актерите“ кои не се во тој регион треба да престанат да додаваат масло на огнот поддржувајќи го Израел и истакна дека муслиманските земји треба да работат заедно за прекин на војната и за траен мир.
„Ројтерс“ известува дека Ердоган во говорот пред преставниците од неговата партија во турскиот парламент рекол дека граничниот премин „Рафах“ мора да остане отворен за хуманитарна помош и дека итно треба да се изврши размена на затвореници.
Како што јавува АП, на групата пратеници од неговата Партија на правдата и развојот (АКП) им посочил дека акциите на Израел во Газа се „варварски“.
Ердоган појасни дека ја откажал посетата на Израел како дел од политиката на својата земја за нормализирање на односите со еврејската држава, додавајќи дека израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, ја злоупотребил нивната добра волја. Турскиот лидер израелската акција во Газа ја опиша како еден од „најкрвавите, најодвратните и најдивите напади во историјата“.
„Немаме проблем со израелската држава, но никогаш нема да ги прифатиме злосторствата извршени од Израел и фактот дека тој дејствува како организација, а не како држава“, рече тој.
„Тајмс оф Израел“ го цитираше Ердоган…
„Израел може да го нарекува Хамас терористичка организација, заедно со Западот. Западот ви должи многу. Но Турција не ви должи ништо. Хамас не е терористичка организација, тоа е група муџахедини кои ја бранат својата територија“.
Да потсетиме, во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, беа убиени над 1.400 Израелци, главно цивили, а борците на Хамас одведоа најмалку 222 заложници со себе назад во Газа.
Ројтерс дознава дека веќе дошло до дипломатски реакции на зборовите на Реџеп Тајип Ердоган кој го опишува Хамас како ослободителна група, а не терористичка организација.
Италијанскиот вицепремиер, Матео Салвини, ги опиша тие зборови како „одвратни“ и рече дека ќе и предложи на Италија да го повика турскиот амбасадор за да му биде врачена протестна нота.







