Утринава се случи ерупција на подводниот вулкан Ист Епи, во близина на пацифичкиот остров Вануату.
Заради пареата и пепелта која се исфрла и до 100 метри височина локалните власти воспоставија безбедносен периметар од 10 километри околу вулканот, што се наоѓа на околу 68 километри северно од Порт-Вила, главниот град на оваа држава во Пацификот.
Властите предупредуваат дека бродови и авиони треба да ја избегнуваат областа.
„Го повикуваме локалното население да внимава на можни силни експлозии бидејќи ерупциите се уште траат“, изјави Рикардо Вилијам, специјалист за вулкани во Одделот за метеорологија и геолошки опасности во Вануату.
Вулканската активност почнала околу 8 часот по локално време (23 часот, вторник, по средноевропско време), наведе локалниот метеоролошки оддел.
Владин претставник изјави дека со почетокот на ерупцијата земјата почнала да се тресе, а чад се надвил над местото на вулканот. Патем, почнале и експлозии, а се чувствувал и непријатен мирис на сулфур.
Во регионот издадена е тревога за ерупција на вулкани од прв степен, од можните пет, што укажува дека станува збор за „ситни потешкотии“.
(Извор / Фото: МИА)







