Џуд Белингем две недели пред неговиот 20-ти роденден ги помина медицинските прегледи во Мадрид и потпиша договор со Реал до 2029 година, објави Фабрицио Романо. Најсигурниот извор од фудбалскиот пазар пренесува дека Белингем веќе станал играч на „Кралскиот клуб“, кој следната недела ќе го претстави пред навивачите на Сантијаго Бернабеу.
Младиот играч за врска станува најскапиот играч во историјата на Реал. Фиксното обештетување на Борусија Дортмунд е 103 милиони евра, а со бонуси се искачува на 130 милиони евра. Белингем на тој начин ќе го сруши досегашниот рекордер на Еден Азар, кого Реал го донесе од Челзи пред четири години за 115 милиони евра.
На Борусија повекратно и се исплатеше огромното вложување во 17-годишниот фудбалер, кого пред три години го купи од Бирмингем за 30 милиони евра.
Реал сега го заштити со откупна клаузула од дури една милијарда евра и му даде годишна плата од 25 милиони евра.
Манчестер Сити му понуди повеќе, но Белингем го избра Реал бидејќи во Мадрид му гарантираат дека ќе биде носител во следната деценија, оној на кој ќе се гради тимот.
Белингем е многу млад, но веќе има 132 натпревари, 24 гола и 25 асистенции за Борусија и 24 настапи за сениорскиот тим на Англија.
Земајќи го тоа во предвид, како и фактот дека тој е играч за кој Реал ќе плати највисоко обештетување во историјата на клубот и ќе му даде огромна годишна плата, јасно е дека не го носат да гледа и учи од двојно постариот Модриќ. Туку за да го наследи веднаш.
(Фото: Профимедиа)







