Европската унија воведе широка забрана за пружање крипто услуги на Русите, како дел од осмата рунда санкции одобрени вчера.
Со новата уредба се заострија ограничувањата кои важеа од април 2022 година.
„Постоечките ограничувања за крипто средствата се заострија со забрана на сите ‘паричници’ за складирање на крипто средства, сметки или услуги за чување, без оглед на износот на средствата (претходно беше дозволено до 10.000 евра)“, се вели во соопштението за јавноста, на веб-страницата на Европската комисија.
Откако „Виза“ (Visa) и „Мастеркард“ (Mastercard) го напуштија рускиот пазар на почетокот од оваа година, а некои банки беа исклучени од меѓународниот банкарски систем СВИФТ (SVWIFT), криптовалутите, особено стејблкоинот (USDT), станаа еден од најпопуларните начини на Русите за пренос на пари во странство.
„Операторите за крипто услуги со седиште во државите членки во Унијата, можеби ќе треба да престанат да обработуваат трансакции со Руси, освен ако клиентите не се жители на 27-члениот блок“, пишува денеска „Форбс Русија“.
„Крипто платформите надвор од Европската унија би можеле да го следат примерот“, предупредува весникот.
Откако ЕУ во април воведе ограничување од 10.000 евра за крипто средства за руските државјани, платформата „Бинанс“ (Binance) регистрирана во САД, една од најпопуларните берзи меѓу Русите, ја усвои истата мерка.







