Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска пристигна во Кина на разговори за билатералните односи, трговијата и меѓународните прашања.
„Само што пристигнав во Кина за да копретседавам со стратешкиот дијалог меѓу Европската унија и Кина со мојот колега, министерот Ванг Џи“, наведе Борел во неговиот пост на социјалната мрежа „Х“.
Посетата доаѓа неколку дена по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, заради што Борел свика и итен состанок на европските министри за надворешни работи.
Кина ги повика сите страни да „престанат на огнот“.
Во Пекинг ќе се разговара за стратегијата на ЕУ за „намалување на ризикот“ со главниот трговски партнер на Унијата и за основите за овогодинешниот самит ЕУ-Кина.
Планирано е посетата на Жозеп Борел, која оваа година двапати беше одлагана, да трае до сабота.






