Белград и Приштина во февруари, според наводите на Европската унија, прифатиле компромисен предлог на кој Брисел и Вашингтон работеа со месеци.
Германскиот новинар Томаш Брај анализира дали ова е патот до решение или нов неуспех.
Рускиот претседател Владимир Путин тековниот спор меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово отсекогаш го користел како модел за неговите напади врз Украина.
Западот, вели, дозволил Косово – кое во меѓувреме е речиси исклучиво населено со Албанци – да се отцепи од Србија пред 15 години.
Затоа сега мора да дозволи Русија да ги врати областите кои историски и припаѓаат, како што се Крим или источна Украина, дециден е Путин.
Заради тоа Западот сега брза конечно, после повеќе децении, да го реши косовскиот конфликт, за да може на владетелот од Кремљ да му го избие од раце наводниот аргумент.
Резултат на западните настојувања беше германско-францускиот компромисен предлог од ноември 2022 година, кој беше објавен на крајот на февруари 2023 година како став на ЕУ.
Најважните одредби од тој документ од единаесет точки се: двете страни меѓусебно ги признаваат националните документи и симболи на другата страна.
Србија се откажува од блокадата на членството на Косово во меѓународните организации, вклучително и во Обединетите нации.Косово го овозможува создавањето на веќе десет години спорната „заедница на општини“ за српското малцинство и гарантира посебна заштита на бројните средновековни српски православни цркви и манастири на својата територија.
Овој план е поддржан и од Соединетите Американски Држави.
Водечките дипломати од Брисел и Вашингтон со недели одат во главните градови Белград и Приштина за да ги охрабрат Србија и Косово да ги прифатат овие предлози.
И, ако може да им се верува на медиумите од тие две земји од Западен Балкан, западните пратеници се заканиле со политичка и економска изолација доколку нивниот последен предлог повторно биде одбиен, како што тоа често се случуваше во минатото.
Пробивот на Борељ
Клучниот настан се случи на 27 февруари 2023 година во Брисел: српскиот претседател, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер, Аљбин Курти, седнаа на иста маса, модерирани од посредник на Европската унија.
На крајот, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Јозеп Борељ, најави пробив: дека двете страни го прифатиле предлогот на Унијата.
„Ова ја отвори вратата за конечно решение на овој траен европски конфликт“, рече Борељ.
Но, по враќањето од Брисел во Белград и Приштина, ништо не можеше да се слушне за наводните ветувања во седиштето на ЕУ.
Србија никогаш нема да дозволи членство на Косово во Обединетите нации, гарантира претседателот Вучиќ.
Косовскиот премиер Курти, пак, во парламентот во Приштина се заколна дека не доаѓа предвид создавање „Заедница на српски општини“, со автономија и самоуправа, како и посебна заштита на српските културни богатства.
Албанските и српските позиции меѓусебно се исклучуваат
Однесувањето на Курти и Вучиќ не е ниту неочекувано, ниту изненадува, бидејќи Приштина и Белград, кога станува збор за косовското прашање, имаат ставови кои никако не можат да се усогласат.
Слично како Палестинците и Израелците на Блискиот Исток, двата народа положуваат право на иста територија.
„Косово е срцето на Србија“ е аргументот на Белград, кој укажува на историските градби и средновековните битки.
Албанците се гледаат себе си како автохтон народ во Косово – и тие долго време се апсолутно мнозинство од населението таму.
Уште поважно е тоа што, особено во Србија, прашањето за Косово со децении е најважната тема на сите политички сили.
Така, српскиот претседател Слободан Милошевиќ, кој подоцна беше обвинет како воен злосторник во Меѓународниот трибунал во Хаг, го искористи косовскиот конфликт за свој политички подем.
Подоцна, демократскиот политичар Воислав Коштуница во уставот го запиша правото на Србија на Косово.
И до сега последниот демократски претседател на Србија, Борис Тадиќ, прашањето за Косово го правеше центар на неговата политичка активност.
Затоа не изненадува што тоа е, и за претседателот Вучиќ, основата на неговото владеење.
Нема западна критика кон Вучиќ
Со оглед на тоа дека на Западот, според сопствените предрасуди, му треба претседателот на Србија за компромис со косовските Албанци, Брисел се воздржува дури и од најмала критика на сметка на се поавторитарниот систем на владеење на Вучиќ.
Неговите главни карактеристики се исклучувањето на сите независни државни институции, инструментализацијата на судството, цензурата на медиумите и доминацијата над економскиот систем преку лојални следбеници.
„Митовите од минатото, а пред се митот дека Косово е света српска земја, служат само за тоа да не попречат да размислуваме за сегашната актуелна ситуација“, критикува српскиот новинар Милојко Пантиќ.
А, опозицискиот колумнист Дејан Илиќ вели: „Вучиќ со години бега од секоја обврска, живее од кризата и прави разни спектакли, за да не се реши ниту еден проблем на Србија.“
Од ова Илиќ заклучува: „Ако ја реши косовската криза, тој повеќе нема да биде потребен“.
Слично однесување може да се забележи и на страната на Косово.
Премиерот Курти, уште како студентски лидер, настапуваше со цел одвојување на Косово од Србија и воспоставување на рамноправност со Србија. Поради ова тој со години беше во српските затвори, а овие ставови очигледно се негова политичка мисија.
Финале во Охрид
Со посредство на Европската унија, Вучиќ и Курти повторно ќе се сретнат на 18 март во Охрид.
Тогаш двете страни би морале јасно да кажат дали навистина се подготвени да ги напуштат сегашните позиции, како што тврди Брисел.
Засега останува тајна како тоа би требало да изгледа.
Вучиќ, на пример, ќе треба да даде зелено светло за членство на Косово во сите меѓународни организации – а, сепак, да го спречи членството на Приштина во Обединетите нации. Курти, пак, би морал да овозможи создавање „Заедница на српски општини“ – иако е против каква било институционална и територијална форма на таа заедница, а заштитата на малцинствата сака да ја ограничи само на заштита на поединци.
А, што се однесува до специјалната заштита на српските манастири и цркви, косовската опозиција веќе жестоко вели дека во иднина ќе треба да се покаже пасош за да се посетат овие споменици на културата.
Со оглед на таквата ситуација, очигледно ќе биде потребна голема дипломатска вештина за да се спои она што е неспоиво.
После искуствата од изминатите децении со западната политика кон Балканот, постои страв дека уште еднаш може да се постигне компромис во кој секој ќе си ги најде своите интереси, но којшто нема да смени ништо кога се во прашање реалните проблеми.







