Глечерите на хималајскиот планински венец се топат со невидена брзина, што може да предизвика опасни поплави и недостиг на вода за околу 240 милиони луѓе кои живеат во планинскиот регион, покажа новиот извештај објавен вера.
Глечерите во тој регион, поради глобалното затоплување, до 2100 година би можеле да изгубат од 75 до 80 отсто од својот волумен, се вели во извештајот.
Околу 2010 година, глечерите се топеа 65 отсто побрзо отколку во деценијата пред тоа, покажаа резултатите на Меѓународниот центар за интегриран планински развој (ICIMOD) со седиште во Катманду.
„Ги губиме глечерите, ги губиме во рок од 100 години“, вели Филипус Вестер, научник и член на ИЦИМОД, главен автор на студијата.
„Со глобалното затоплување, мразот ќе се стопи, тоа може да се предвиди. Но, она што е неочекувано и загрижувачко е брзината. Се топат многу побрзо отколку што очекувавме“, додаде Вестер.
Со затоплување од 1,5 степени Целзиусови, или 2 степени над прединдустриските температури, глечерите низ целиот хималајски регион ќе изгубат од 30 до 50 отсто од својот волумен до 2100 година, се вели во извештајот.
Но, при загревање од 3 степени Целзиусови – што ќе се случи според сегашната климатска политика – глечерите ќе изгубат 75 проценти од мразот, а на 4 степени тоа ќе оди до 80 проценти.
„Ова ја покажува потребата од итна климатска акција“, нагласи Вестер.
Во извештајот е утврдено дека протокот на вода во 12-те речни сливови во регионот, вклучувајќи ги Ганг, Инд и Меконг, најверојатно ќе го достигне својот врв до средината на векот, со последици за повеќе од 1,6 милијарди луѓе кои зависат од тоа снабдување.
„Иако може да звучи дека ќе имаме повеќе вода бидејќи глечерите се топат со зголемена брзина… премногу често ќе има поплави наместо постојан рамномерен проток“, објасни Вестер.
Многу високопланински заедници користат глечерска вода и стопен снег за наводнување на посевите. Но, времето на снежни врнежи стана поретко и понепредвидливо и помалку од порано.







