Премиерот Зоран Заев и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Зоран Верушевски денеска сведочеа во Специјалното јавно обвинителство во врска со случајот „Таргет“.
Заев по распитот во СЈО изјави дека бил повикан да даде исказ како сведок-оштетен во случајот „Таргет“ за незаконски прислушуваните разговори.
„Бев повикан како оштетен во случајот „Таргет“ каде што беше неопходна потребата од моја изјава. Доколку надлежниот обвинител кој го води случајот има потреба од мој исказ како сведок-оштетен или само како сведок, останувам на располагање се со конечна цел да дадам свој придонес во расветлувањето на незаконското прислушување во Република Македонија“, рече Заев пред Специјалното јавно обвинителство.
Зоран Верушевски, кој исто така даваше исказ во СЈО, ги одмина новинарите и не даде изјава.
„Таргет“ е случај што лани го покрена Специјалното јавно обвинителство, а се однесува на незаконското следење на комуникациите во период од 2008 до 2015 година.
Осомничени во случајот се десетмина поранешни и сегашни вработени во УБК, кои се наоѓале на раководни позиции, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и незаконско прислушување.
Обвинителката Фатиме Фетаи при обелоденувањето на случајот на 18 ноември 2016 година појасни дека доказите со кои располагаат упатуваат на основано сомнение дека преку три различни системи за следење на комуникациите во УБК, од 2008 до 2015 година, незаконски се следени 5.827 телефонски броеви.







