Законот за јазиците треба да ги унапреди потребите на граѓаните на Македонија и со него нема да се воведе двојазичност на територијата на цела држава, тврди премиерот Зоран Заев.
Според премиерот, со ова законско решение, граѓаните треба да добијат нешто што го немале до сега, но не прецизира што. Заев потврдува и дека ќе има државен албански ансамбл, но без финансиски импликации во државната каса.
„Законот за јазиците е согласно Уставот. Онаму каде што има практична потреба и Уставот го дозволува тоа, законот така и ќе се реализира. Преку него гледам отстранување на некои потреби кои досега биле присутни кај граѓаните, а не биле овозможени. Тоа е унапредување на употребата на јазиците во РМ и секако, како што постојат ансамбли, без да се зголемуваат буџетските средства, само ќе биде дефиниран правно-формално ансамбл за културата на албанските граѓани“, изјави Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе реагираше дека Законот за употреба на јазиците е надвор од Уставот, но и од Охридскиот рамковен договор. Според опозицијата проблемот е во тоа што Законот не е базиран врз потребите на граѓаните, туку врз потребите на политичките партии.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека укажале и на проблемите во процедурата, но и за тоа дека се бега од јавна расправа.
Законот за јазиците ја помина првата фаза од Собраниската процедура. Но пред да влезе во втора фаза со амандмански прашања, беше одложена седницата за европски прашања и тоа непосредно пред нејзиниот почеток.
Се уште е неизвесно кога повторно ќе биде закажана оваа седница.







