Премиерот Зоран Заев на првата средба во новата година кај министерот за финансии, Драган Тевдовски, објави дека капиталните инвестиции во 2017 година биле реализирани на историски највисоко ниво, или за 83,6 проценти.
Според Заев и Тевдовски, оваа е најголема реазлизација на стапка на капитални инвестиции од 2013 година па наваму. Премиерот на пресот рече дека економијата заздравува по политичката криза во земјата и очекува 2018 да биде надежна година на економски план.
„Не е време за избори, време е за работа“, рече Заев охрабрувајќи ги инвеститорите да прават планови за тековната година. Во 2016 година реализацијата на капиталните инвестиции била под очекуваното, рече Заев, а министерот за финансии објави дека државата имала и успешна наплата на сите даноци. Според премиерот, реализирани се 72 проценти од повратот на ДДВ за компаниите во рок од 30 дена.
Тој порача дека данокот мора да се плаќа, а парите да се враќаат кај граѓаните. „Секој договор е склучен како јавна набавка, им препорачав на министерствата и институциите транспарентно да го објавуваат на нивните веб-страници“, рече Заев.







