Државата треба да донесе заедничка одлука за референдум. Сите имаат право на дебата, државата треба заеднички да донесе одлука и обидите треба да ги правиме заедно усогласувајќи се со коалициските партнери во однос на едно вакво исклучително важно прашање како референдумското, изјави денеска прмиерот Зоран Заев.
Според него, власта, опозицијата и коалициските партнери мора да бидат усогласени во тој процес.
Заев вели дека во процесот на утврдување на референдумското прашање ќе биде дефинирано и тоа дали референдумот ќе биде обврзувачки или консултативен.
„Она за што се согласувам со опозицијата е дека референдумот треба да биде задолжителен, а заедно треба да утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки од причини што сите овие пораки што во последно време се испраќаат оставаат впечаток дека некој сака да ја блокира Македонија. Ако 50 отсто плус еден граѓанин излезат и го поддржат референдумот, должност на секој е да ја почитува одлуката и буквално да се поклони на неа, освен ако не е негативна. Убеден сум дека Македонија ќе смогне сили и мудрост да застанеме заедно за вакви важни прашања, кои отвораат блескава перспектива за генерациите денес и генерациите што доаѓаат по нас“, рече Заев.







