Премиерот на Македонија, Зоран Заев, од денес ќе престојува во дводневна посета на Бугарија, каде што ќе разговара со премиерот и претседателот на соседната земја, Бојко Борисов и Румен Радев.
Софија, после Брисел, е второ одредиште кое ќе го посети новиот македонски премиер, кој очекува дека Бугарија ќе и помогне на Македонија на патот кон ЕУ.
Заев во повеќе наврати повторуваше дека со Бугарија, која од 1 јануари следната година ќе претседава со ЕУ, очекува добра соработка како и поддршка на соседната земја за евроатланските аспирации на Македонија.
Посетата на Брисел и на соседните земји, истакна заев, значат засилена активност на Македонија државава со помош на ЕУ и соседите да стаса до полноправно членство во НАТО и ЕУ.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, веднаш по изборот на новата македонска влада, изрази уверување дека Софија и Скопје ќе работат на зацврстување на добрососедските односи и приближување на Македонија кон НАТО и ЕУ.
По неодамнешната посета на германската канцеларка Ангела Меркел со која разговараше за бугарското претседавање со Унијата, Борисов истакна дека сака Македонија како соседна земја да е стабилна.
„Бугарија категорично ги поддржува евроатланските интеграции на Македонија“, дециден беше Борисов.







