Република Илинденска Македонија е предлогот што на состанокот во Софија македонскиот и грчкиот премиер го издвоиле како прифатлив. Решението опфаќа ова име да биде за севкупна употреба, што подразбира и уставна измена, именувањето на јазикот би било macedonian/македонски, а меѓународните кодови за земјава би останале исти – МКД/МК.
На денешната координација на државниот врв и политичките лидер премиерот Заев им го соопшти пакетот на претседателот Иванов, спикерот Џафери, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Мицкоски и Ахмети.
Република Илинденска Македонија е прифатлива варијанта за валдејачката коалиција. Заев образложението го гледа и во историското значење на Илинден 1903-тата каде се удрени темелите на модерната македонска држава, нешто што е потврдено и на Асном, како и на 8-ми септември 1991-тата. Можниот договор со Грција, врз основа на овој предлог Заев го нарече четврт Илинден.
Опозицијата, барем за пред јавноста, не излезе многу среќна од средбата. Не прифаќаме промена на уставот со цел промена на уставното име – ја повтори партиската мантра лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Шефот на државата, пак, наспроти сета политичка и јавна мобилизација за предлогот и можноста за конечен договор со Грција, бара на писмено да му се стави што е на маса, за да се произнесе.
Предлогот допрва ќе се разгледува на партсиките тела на владејачката коалиција. Ќе се чека и официјалниот став и на шефот на државата и на ВМРО-ДПМНЕ. Евентуалниот договор, за чие подготвување премиерот како тајминг ја спомена идната недела, би се имплементирал во фази.
Заев изјави дека за решението потврда ќе се бара и од граѓаните на референдум.







