Словенечките искуства се исклучително корисни за Македонија во нејзините процеси за европска и евроатланска интеграција, оценија премиерот Зоран Заев и поранешниот словенечки премиер Антон Роп на денешната средба во Скопје.
Двајцата соговорници, како што соопшти владината прес-служба, разговарале за искуствата што Словенија ги имала во процесот на пристапување и интегрирање во Европската унија и НАТО, а констатиран бил и напредокот што Македонија го направила во меѓународната политика и интеграциските процеси.
Премиерот Заев ја оценил како исклучително важна поддршката што Македонија ја добива од Словенија за интеграциските и реформските процеси.
На средбата се разгледани и можностите за продлабочување на соработката со Словенија во повеќе области, за подобра и поефикасна искористеност на парите од европските фондови, за поедноставени процедури во подготовка на проектна документација, како и за можностите за ефикасно користење на евтини кредитни линии од повеќе меѓународни финансиски институции.







