Премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите го соопшти ставот за одредени непосакувани состојби во здравството поврзани со смртноста на новороденчињата.
Заев го пренесе ставот на здравствените работници и стручните лица од фелата дека тоа е резултат на погрешните политики на минататата власт, што довеле до недостаток на инкубатори и на професионален кадар во здравството, како и на Клиниката за гинекологија и акушерство.
„Сакам само јавно да прашам каде отидоа овие 100 милиони евра за опрема што беа највени, а нема инкубатори за дечињата? По стандард треба да има 50 инкубатори, а има 20 што не се целосно функционални,“ изјави Заев.
Тој рече дека е донесена одлука со која заштедените 100.000 евра од прекинувањето на договор за реклами и кампањи на CNN и исто толку од укинувањето на непродуктивните трошоци на претходната влада да се употребат за купување нови инкубатори.
„Се заедно обезбедивме 200.000 евра. Почнавме постапка пред Бирото за јавни набавки, да ни дадат согласност и со сите овие пари ќе купиме 20 нови инкубатори. Ќе ги поклониме како Влада на Министерството за здравство и на Клиниката за гинекологија и акушерство, од коишто 15 ќе одат на Клиниката за гинекологија, а 5-те ќе одат во болници низ Македонија.
„Преку интервенција од заштедените пари решаваме едно вакво горливо прашање. Јас верувам дека медицинскиот персонал прави се што треба да прави, но знам и дека и граѓаните знаат дека тоа е рефлексија на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Тодоров кои во минатото се фалеа со огромни суми, стотици милиони евра за опрема во здравството, а останала гинекологија без неопходниот дел пропишан по прописи и закон во вкупен број на инкубатори за дечињата“ рече Заев.







