Најголемата платформа за продажба на светскиот „даркнет“ наречена „Хидра Маркет“ (Hydra Market), која од 2015 година е на руски јазик, е затворена и од сметката и се запленети биткоини во вредност од 23 милиони евра, соопшти вчера германското правосудство.
„Запленети се серверите на најголемиот светски пазар на ‘даркнет’ и 543 биткоини во вкупна вредност од околу 23 милиони евра“, се вели во соопштението на Државното обвинителство на Франкфурт и Сојузната канцеларија на криминалистичката полиција (БКА).
„Даркнет“ е паралелна верзија на Интернет во која е загарантирана анонимноста на корисниците.
Инспекторите се сомневаат дека платформата „Хидра маркет“, која има околу 17 милиони корисници, била користена за криминални активности и перење пари, и тоа преку повеќе од 19.000 сметки.
Само во 2020 година, остварени се најмалку 1,23 милијарди евра од продажби преку платформата „Хидра Маркет“, што ја прави „нелегален пазар со најголем промет во светот“, се вели во соопштението.
Веб-страницата на руски јазик достапна преку мрежата „Тор“ главно се користела за продажба на дрога, украдени податоци и фалсификувани документи.