Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија и пратеничка од опозициската ГЕРБ во бугарскиот парламент, Екатерина Захариева, го критикуваше претседателот Румен Радев заради свикувањето на Советот за национална безбедност за Македонија.
Захариева за БНТ изјави дека Советот не бил свикан од претседателот две години, што, според неа, е во спротивност со законот. Таа смета дека Радев требало да го свика Советот за најмалку четири теми – за кризата со ковид, инфлацијата, кризата со цената на енергијата и конфликтите меѓу Русија, Украина и она што се случува во Казахстан. Тоа, според неа, се многу поважни теми од Македонија.
Екатерина Захариева беше категорична дека не гледа закана за националната безбедност на Бугарија од Македонија, освен, како што наведе, ако само претседателот Радев гледа закана.
Таа рече дека за конфликтот во Казахстан се зборува во целиот свет, а само во Бугарија молчат претседателот и владата. На крајот истакна дека во Бугарија има бази на НАТО и дека нема ниту еден НАТО сојузник кој сака тензии во близина на нејзините граници.
(Извор: МИА)







