Светскиот лидер во авијацијата „Ербас“ објави дека рекордната побарувачка од индискиот пазар ги зголемила неговите нето нарачки за првата половина од годината на 1.044 авиони.
„Ербас“ официјално резервира нарачки за 500 авиони од нискобуџетниот авиопревозник „ИндиГо“ и 250 од „Ер Индија“, кои се најавени или финализирани на минатомесечниот париски авио саем.
Оваа компанија во првите шест месеци имала бруто нарачки од 1.080 авиони, додека во тој период биле испорачани 316 авиони, како што претходно шпекулираа медиумите.
Во истиот период лани оваа европска компанија имала 442 нарачки, односно 259 нето, а испорачала 297 авиони.
Во тековната година „Ербас“ планира да испорача 720 авиони.
Кога станува збор за најголемиот конкурент на „Ербас“, американскиот „Боинг“, фирмата во периодот јануари-мај оствари бруто нарачки од 223 авиони и испорача 206 авиони.
Двете компании ќе ги објават кварталните резултати на 26 јули.







