Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, од Советот за безбедност на Обединетите нации преку видео врска, критикувајќи ја Русија за оштетување на енергетската инфраструктура, побара ново оружје, пред се западни системи за противвоздушна одбрана.
На обвинувањата од Киев дека Русите им го отежнуваат животот на украинските граѓани, бидејќи мораат да живеат во темница и имаат проблеми со водата, Москва вели дека украинското раководство многу добро знае дека во такви тешки услови веќе осум години живеат жителите и на Доњецката и на Луганската Република.
Притоа, Кремљ обвинува за тоа дека украинската артилерија постојано цели на далноводи и трафостаници во местата каде што живеат Руси.
Неспорно е дека руските единици оштетиле многу далноводи, трафостаници, термоцентрали.
Во Москва не кријат дека последниот бран на ракетни напади врз украинските енергетски објекти е некаква одмазда за тоа што украинските војници убија 11 заробени руски војници.
Но, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба, порачува дека западните земји немаат морално право да кажат дека се уморија од поддршката на Украина.
Заедно со деветтиот пакет санкции против Русија, тој најмногу инсистира на барањата за системи за противвоздушна одбрана.
Но, на Запад се правдаат дека арсеналот им се попразни поради помошта за Украина. Се чини дека ентузијазмот за „бескрајна воена помош“ за Киев ослабува.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, постојано повторува дека треба да и се даде воена помош на Украина за да се дојде до „праведен мир“ со Русија. Американците му ветуваат на Киев ударни дронови „сив орел“ (Grej Igl), додека очигледно е дека Европска унија полесно и дава финансиска помош на Украина која достигна 6,7 милијарди евра. Само полските лидери сугерираат дека најдобро би било противвоздушниот систем, кој Германија и го понуди на Полска, да и биде доделен на Украина за одбрана од Русија.
На резолуцијата на Европскиот парламент, Русија да се признае како земја спонзор на тероризмот, во Москва никој од водечките политичари не реагираше, бидејќи сметаат дека таа нема тежина.
Кремљ ја оцени резолуцијата како апсурдна, додавајќи дека таа само ја зајакнува конфронтацијата со Москва.
Официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предложи Европскиот парламент да се прогласи за „спонзор на идиотизмот“.
Во исто време, поранешниот претседател и премиер на Русија, Дмитриј Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација, ги негираше тврдењата на британските разузнавачи дека Русите ги потрошиле резервите на своите ракети со висока прецизност.
Британските разузнавачи тврдат дека Русите ги потрошиле и иранските беспилотни летала. Но Русите сега се повеќе произведуваат свои дронови.
„Попусто се надеваат дека ќе останеме без резерви.
Имаме доволно ракети за да гаѓаме се што имаме намера да уништиме“, рече Медведев после посетата на фабриката за ракети во Подмосковље.
(Фото: АП)