Кина се гледа себе си како глобална суперсила и почна да дејствува како таква, пишува „Волстрит Журнал“ (The Wall Street Journal).
Долги години, Пекинг не се грижеше премногу за далечните конфликти, но тоа се промени на почетокот на третиот претседателски мандат на Кси Џинпинг.
Кина сега активно работи на привлекување на други земји кои светската политика ја гледаат на сличен начин, а се со цел позначајно да влијание на нив.
Овој пресврт доаѓа откако со нејзината политика „нулта Ковид“, поради која последните три години ги помина во изолација, го налути Западот.
Пекинг сега верува дека е доволно воено и економски силен да може да го обликува светот според неговите желби и барања.
Претходно, во март, Пекинг издејствува договор со Саудиска Арабија и Иран.
Тоа беше храбар влез на Блискиот Исток, регион полн со долгогодишни ривали.
Кси вели дека сака да придонесе во напорите за ставање крај на војната во Украина, и затоа оваа недела ја посетил Москва и се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
Кинескиот претседател планира да разговара и со оштетената страна, со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Вклучувањето на Кси во разрешувањето на војната во Украина можеби нема да даде никакви конкретни резултати, а неговото заминување во Москва, кое Западот го смета за покажување наклоност кон Русија, ја поткопа неговата желба да се позиционира како неутрален арбитер.
Уште повеќе, додека Кси и Путин се поздравуваа, а кинескиот лидер на руски јазик зборуваше за „промена која не е видена во последните 100 години“, руски ракети и дронови полетаа кон Украина и во ученички дом во Киев убија четири лица.
Со овие два потега, Кина му покажа на светот, за кој верува дека е поделен на демократии и автократии, дека сака активно да учествува во решавањето на горливите проблеми, и дека таа и нејзините пријатели повеќе не сакаат да бидат „втора виолина“ на САД.
Пекинг долго време спроведуваше политика на чекање, собирање економска, политичка и воена моќ.
Тоа се смени кога ја покрена иницијативата „Појас и пат“ и низ светот, особено во Јужна Америка, Африка и Југоисточна Азија, почна да покренува разни инфраструктурни проекти вредни стотици милијарди долари.
Кина има и моќна и широко распространета дијаспора и голем апетит за стратешки ресурси во странство.
Демократија и автократија
Покрај интервенциите во конфликтите меѓу Саудиска Арабија и Иран и Русија и Украина, Кси во текот на изминатите неколку недели ги промовираше своите три нови иницијативи – Иницијативата за глобален развој, Иницијативата за глобална безбедност и Иницијативата за глобална цивилизација.
Иако не откри многу за нив, овие иницијативи се дизајнирани како „точки“ околу кои можат да се соберат сите земји на кои не им одговара американската хегемонија.
„Додека работи на модернизација, Кина нема да оди по патот на колонизација, угнетување и ограбување, ниту по патот на искривените вредности по кои чекорат некои земји кои, откако ќе станат силни, сакаат да владеат апсолутистички“, рече Кси за време на презентацијата на Иницијативата за глобална цивилизација.
Кинескиот претседател тогаш, ги предупреди „неименуваните земји“ дека треба да се воздржат од наметнување на своите вредности на другите.
Покрај тоа, Кси тврди дека коалицијата на земји предводена од САД сака да ја заузда и потисне Кина.
Реториката на кинескиот претседател го одразува верувањето дека Кина може да биде контрапункт на Западот.
За разлика од американскиот претседател Џо Бајден, кој Кина ја смета за автократија, Кси сака светот, а особено јужната хемисфера, да ја види како глас на разумот, економска суперсила и бенигнен моќник кој може да му се спротивстави на Западот, кого Пекинг го гледа како „наметлив насилник“.
„Излегувајќи од изолацијата предизвикана од Ковид, Кина сега сака да се претстави во поинакво светло, а тоа мисли да го направи така што ќе се диференцира во однос на САД“, рече Пол Хаенли, експерт за кинески прашања во „Карнеги“.
„Пекинг искрено верува дека може да биде поинаква суперсила и дека Америка е премногу фокусирана на безбедноста и премногу се потпира на војската“, додаде Хаенли.
Тој, во средината на 2000-та, на состанокот за Северна Кореја и нејзината нуклеарна програма кој беше организиран од Пекинг ги претставуваше САД.
Како што вели Хаенли, Кина тогаш била многу претпазлива. Денес веќе не е.
„Никој не предвидуваше дека Кси ќе биде толку подготвен да ризикува. Похрабар е отколку што беше Кина порано. Тоа може да се види и по неговиот ангажман со Саудиска Арабија и Иран и Украина“, смета Хаенли.
Енергична дипломатија
Кси успешно покажа дека Пекинг води главен збор кога се работи за Хонг Конг, автономниот регион Ксинџијанг и систематското угнетување на Ујгурите, мнозинското население во Ксинџијанг и Јужното Кинеско Море.
Иако Западот ги осуди сите потези што ги направи Кси во тие контексти, Кина сепак успеа да убеди некои земји во развој дека САД се себичен лицемер, чија единствена цел е да го блокира кинескиот развој.
САД и нивните сојузници тврдат дека Кси во Ксинџијанг врз Ујгурите извршува форма на геноцид, но земјите со мнозинско муслиманско население како Саудиска Арабија и Иран главно молчат за ова прашање.
Ориана Скајлер Мастро, научен соработник во Институтот за меѓународни студии „Фримен Спогли“ на Универзитетот Стенфорд, вели дека дел од кинеската реторика во големите западни градови „не паѓа на плодно тло“.
„Постојат студии кои покажуваат дека тоа функционира добро во земјите во развој, дека тие ја прифаќаат идејата дека САД се потпираат на воен интервенционизам, а дека Кина пропагира мир“, рече Мастро.
Енергичната дипломатија на Кси содржи и одбранбена компонента. Додека Кина поради строгата политика на Кси за „нулта ковид“, последните три години ги помина во, де факто, изолација, напорите на Бајден да создаде коалиција на богати земји со симпатии кон Западот го претворија светот во место кое повеќе не и е баш многу наклонето на Кина.
Земјите кои Кина претходно ја пречекуваа со раширени раце, станаа значително сомничави.Оваа промена се случи уште додека американски претседател беше Доналд Трамп.
Кога тој кон Пекинг настапуваше непријателски, малкумина го следеа, но денес ситуацијата е поинаква.
Јужна Кореја, Јапонија, Филипините, Австралија и Индија веќе немаат доверба во Кина и го фаворизираат Вашингтон.
Наизглед блиските односи меѓу Пекинг и Москва ги уништија односите меѓу Кина и Европа.
Кси е, исто така, загрижен што меѓународната заедница сè повеќе сочувствува со Тајван, остров за кој Кина тврди дека е нејзина територија.
Благодарение на напорите на тајванските власти, Тајванците сега се свесни за тоа дека би можеле да се судрат со Кина. Тајван работи на зголемување на своите одбранбени способности и на Запад се наметна како симбол на отпорот кон Кси и Пекинг.
Дипломатските триумфи на Кси покажуваат дека Вашингтон нема да може да ја изолира Кина или да ја оспори нејзината позиција во светот.
Добронамерна сила
Антиамериканската реторика на Кси му дава сила на кинескиот национализам, а се вклопува и во наративот на Комунистичката партија на Кина, која вели дека Западот ја искористил Кина во изминатите 100 години и сега прави се за да го блокира нејзиниот развој.
Освен во конфликтите меѓу Саудиска Арабија и Иран и Русија и Украина, Кина се активираше и во Хондурас, еден од последните сојузници на Тајван, и на Соломонските Острови.
Покрај тоа, Кина се вклучи и во Авганистан, а Мјанмар неодамна го повика Пекинг да се вклучи во ставањето крај на граѓанската војна што го тресе.
Во 2022 година, Кина се позиционираше како посредник во Африка.
Останува да се види дали Кси ќе успее да го претвори Пекинг во сила слична на Вашингтон.
Како и САД, и Кина се соочи со обвинувања за империјализам, со исти обвинувања какви што таа упатува кон Америка.
Кинеските работници беа цел на напади во Пакистан, земја во која Кина инвестира големи суми пари преку иницијативата „Појас и пат“.
Овој и слични вакви конфликти можат да ја забават кинеската дипломатска офанзива, а ако примирјата кои Пекинг ги издејствува пропаднат, Кси ќе излезе наивен и импотентен, а Кина непожелен сојузник во борбата против доминацијата на Западот.
Саудиска Арабија и Иран долго време не можат да најдат заеднички јазик, а кинескиот план за мирно решение на војната во Украина е окарактеризиран како површен и непрецизен.
И покрај тоа, политичкиот истражувач Мастро вели дека Кина можеби нема да мора да го смирува целиот свет за да ги постигне своите намери.
Таа само сака да се позиционира како добронамерна сила, за разлика од Америка, која ужива углед на воена сила. „Пекинг се обидува да каже дека е срамота тоа што САД не успеаја да направат договор меѓу Саудиска Арабија и Иран. Кина се обидува да му покаже на светот дека тоа не е закана, а дека САД се“, рече Мастро.
(Фото: АФП / Владимир Астапкович)







