Здружението на новинарите е незадоволно како Граѓанскиот суд и Апелацискиот суд во Скопје го применуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и од тоа што и покрај одредбата со која се регулира одговорноста на електронските публикации, овие судови и натаму ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн-медиумите.
Објаснувањето дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не се новинари, според ЗНМ е крајно несериозно, паушално, неодговорно и тенденциозно однесување на одредени судии и смета дека претставува заобиколен обид за лиценцирање медиуми и новинари што, рече, е недемократска практика во авторитарни држави.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани на денепната прес-конференција оваа појава, за која кажа, за среќа ја нема кај другите апелациски судови во земјата, ја забележале и порано, но сметале дека преку состаноци со судовите ќе ги убедат да ја променат или усогласат судската пракса со останатите апелациски подрачја.
„Но деновиве добивме нова одлука на Апелацискиот суд и не само што досега правеа обиди да ги дискредитираат онлајн-медиумите како немедиуми, во оваа нова пресуда – луѓето кои работат во овие медиуми ги третираат како неновинари. Оваа практика е апсолутно неприфатлива затоа што е обид да се лиценцираат медиумите. Не е работа на судот да кажува кој е медиум и кој е новинар. Законот за граѓанска одговорност е многу јасен и тие треба тој закон да го применуваат. Нивната намера очигледно е дека сакаат да создадат таква перцепција во јавноста дека овие медиуми работат надвор од законот, што не е точно. Закони има само треба да бидат спроведени“, истакна Селмани.
ИЗВОР: ТВ24







