Марин Чилиќ стана вториот хрватски тенисер којшто се проби до финалето на најголемиот светски турнир, а денес ќе има прилика да стане и вториот Хрват кој ќе го подигне победничкиот трофеј на централниот терен , како што тоа го направи и неговиот поранешен тренер во 2001 година, откако во финалето одиграно во понеделник, во пет сетови го совлада Австралијанецот Патрик Рафтер и го оствари својот сон.
Недолго после тоа Иванишевиќ прв пат го виде Чилиќ на тенискиот терен и му предвиде сјајна тениска иднина во чија кариера подоцна и сам учествуваше како негов личен тренер.
„Го тренирав три години, освои Гренд Слем, но и пред да го направи тоа предвидов дека ќе биде еден од најдобрите играчи на светот. Сите ме гледаа како да не сум нормален. Сите знаат како да удрат форхенд и бекенд, но мораш да го имаш тоа нешто – посебното. Тој го имаше токму тоа“, изјави Горан и се присети како започнала неговата соработка со Чилиќ која кулминирала со триумф на УС Опен во 2014 година.
„Беше голем предизвик да се смени нешто кај играчот. Во почетокот имаше отпор, но на крајот го смени сервисот го смени начинот на размислување и стана поагресивен.“
Во јули 2016 година Чилиќ и Иванишевиќ се разидоа, а Марин многу брзо пронајде нов тренер, Швеганецот Јонас Бјоркман.
Иванишевиќ во денешниот Чилиќ препознава елементи кои го красеа и кога го оствари најголемиот резултат во кариерата до сега:
„Оваа година е без повреди. Нема да речам дека е „позлобен“, но е поенергичен после секој поен. Многу е позитивен отколку порано. Кога си попозитивен, стануваш подобар играч и имаш подобри резултати.“
За крај на својот некогашен штитеник му испрати совет:
„Во финале е и има прилика да стане победник на Вимблдон. Пред се мора да ужива во моментот, во фактот дека е во финалето на најголемиот светски турнир. Ако тоа го заборавиш, веднаш се собираш, се стегнуваш. Ќе му биде тешко, затоа што Роџер толку пати победувал и сите ќе бидат за Роџер. Но, ако игра како до сега, има шанси. Во финалето никогаш не се знае. Шансите се секогаш 50:50.
Горан три пати се најде во улога на поразен во финалето на Вимблдон. Два пати загуби во пет сета, од Агаси во 1992 и од Сампрас во 1998 година, а од истиот играч е поразен во три сета во финалето во 1994 година. Секој од тие порази оставил лузна, но на крајот Иванишевиќ го дочека „својот ден“.
„Не сакаш да го загубиш финалето на Вимблдон, верувајте ми. Добиваш убава метална чинија, но голема е разликата. Загубив три финалиња и никому не му беше грижа, мислам дека никој и не ни знаеше дека бев во финале. Кога ќе го освоиш турнирот, тогаш цел свет знае кој си“, заклучи Иванишевиќ.