Денес во Србија се одржуваат претседателски и парламентарни избори на кои, според анкетите на јавното мислење, се очекува претседателот Александар Вучиќ да освои втор последователен мандат, а неговата Српска напредна партија (СНС) ќе ја започне втората деценија на власт.
Избирачките места се отворени во 7 часот, а нешто повеќе од 6,5 милиони гласачи имаат право да одлучуваат за осум претседателски кандидати и 19 изборни листи кои се во трка за 250 места во државниот парламент.
До 11 часот излезноста беше проценета на 14,1 отсто, а од раните утрински часови на повеќе места беа забележани неколку помали инциденти, а околу пладне веста за претепување на лидер на опозициска партија.
Како што објави порталот Нова.рс, претседателот на Движењето на слободни граѓани, Павле Грбовиќ, бил нападнат во близина на локалниот одбор на владејачката Српска напредна партија во Земун. Според информациите на овој портал, Грбовиќ забележал дека членови на СНС користат паралелни избирачки списоци, по што бил нападнат од десетмина од нив.
Тој се обидел да ги предупреди групата мажи кои биле пред просториите на СНС да не прават паралелни списоци и тие од него побарале да се оддалечи од таму.
Кога Грбовиќ им посочил дека е на јавна површина, побарале од него „да се оддалечи од јавната површина“. Потоа следел инцидентот, односно нападот. Насилниците прво се обиделе да ги скршат телефоните од рацете на членовите на ДСГ кои снимал се, а потоа го нападнале и самиот Грбовиќ.
Според телевизијата Н1, на Грбовиќ му била нанесена повреда на главата, откако разговарал со еден од наводните членови на СНС за потенцијална изборна кражба.
На Инстаграм првично беше објавено видео од разговорот на Грбовиќ со едно од момчињата за можна изборна измама, а потоа Н1 објави видео од самиот напад.
Движењето на слободни граѓани излезе на гласање во коалиција со опозицискиот блок собран околу Партијата за слобода и правда на Драган Ѓилас, Народната партија на Вук Јеремиќ и Демократската партија на Зоран Лутовац. На претседателските избори овој блок го номинираше Здравко Понош.
Предизборните анкети, и покрај оптимизмот на разединетата опозиција која посакува втор круг, укажуваат на можноста дека актуелниот претседател Вучиќ ќе победи на изборите во првиот круг со околу 60 отсто од гласовите, а прогнозите се дека и владејачката коалиција, предводена од Српската напредна партија, ќе освои мнозинство во собранието на Србија.
Истражувањата предвидуваат дека СНС и коалициските партнери би можеле да добијат 63 отсто од гласовите, со што ќе добијат убедливо мнозинство во парламентот.
Истовремено со претседателските и парламентарните избори, околу 1,6 милиони белграѓани сега избираат нова власт, а опозицијата со многу поголем оптимизам се надева дека Вучиќ и СНС би можеле да им ги поматат сметките во српската престолнина.
Во трка се вкупно 12 избирачки листи, а се натпреваруваат за 110 пратенички места во Градското собрание, чии советници по конститутивната седница со мнозинство гласови го избираат градоначалникот.
Освен во Белград, за локална самоуправа ќе се гласа и во 12 други градови и општини во Србија.
Изборната кампања ја одбележа убедливиот примат на владејачката партија во медиумите што ги контролираат, што беше една од спорните точки меѓу власта и опозицијата, оштетена за рамноправни јавни настапи.
Поради поплаките за неправедни изборни услови, кои се прават со години, опозицијата ги бојкотираше изборите во 2020 година, но и со посредство на европратениците во дијалогот со властите, во меѓувреме не е постигнат задоволителен напредок. .
Така, во предизборните анкети дури 42 отсто од испитаниците изразиле сомнеж за регуларноста на овогодинешниот изборен процес. Затоа, претседателските, парламентарните и локалните избори во Србија денеска ќе ги следат повеќе од 4.000 набљудувачи од домашните организации ЦРТА и ЦеСИД и делегации од Европскиот парламент, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и набљудувачи од Европската мрежа на организации за следење на избори (ЕНЕМО).
Покрај тоа, опозициските партии и коалиции порачаа дека на гласачките места денес ќе има илјадници нивни контролори за да „го бранат секој глас“.
Изборите, како што беше најавено, ќе ги следи и екипа од амбасадата на Соединетите Американски Држави во Белград, која ден пред изборниот молк го испрати во Србија новиот амбасадор Кристофер Хил, а истиот ден неговите акредитивни писма ги прими и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Избирачките места во Србија се затвораат во 20 часот, а првите неофицијални резултати од гласањето најавени се до 22 часот.
Републичката изборна комисија, според Законот за избори, официјалните резултати треба да ги објави најдоцна до 7 април до 20 часот.