Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа во првиот круг на денес одржаните претседателски избори, на кои, според сеуште неофицијалните резултати, освоил нов мандат, но овој пат со извршни овластувања.
„Нацијата ми довери одговорност за претседателствување и извршни должности“, рече 64-годишниот Ердоган во говорот од Истанбул што го пренесувала турската национална телевизија.
Тој прогласи и победа на Народниот сојуз, изборна коалиција на неговата Партија на правдата и развојот и малата Партија на национално движење (МХП) на парламентарните избори, наведувајќи дека имаат парламентарно мнозинство во собранието од 600 пратенички места, пренесе АП.
„Се надевам дека никој нема да се обиде да фрли сенка на резултатите и да и наштети на демократијата, за да го скрие својот сопствен неуспех“, изјави Ердоган.
Портпаролот на главната опозициска Народна републиканска партија, Билент Тезџан, имено, тврди дека е прерано да се прогласи победа на Ердоган на претседателските иузбори затоа што, како што наведува, гласовите од најголемите градови сеуште не се преброени.
Тезџан на конференцијата за новинарите, повикувајќи се на податоци на таа партија, рече дека ќе има втор круг на изборите, пренува Ројтерс.
Тој тврди дека само 39 отсто од гласовите се преброени, а дека според тоа Ердоган освоил 51,7 од гласовите на претседателските избори.
Од друга страна, портпаролот на турската влада Бакир Боздаг рече дека Ердоган победи на претседателските избори, откако прелиминарните резултати покажале дека тој е во водство, после повеќе од 95 отсто од преброените гласови.
Боздаг на својот профил на Твитер напиша дека турскиот народ го избра Ердоган како прв претседател на Турција кој ќе има извршни овластувања според новиот систем.
Според тој систем, се укинува функцијата премиер.
На претседателските избори Ердоган освои 52,8 отсто од гласовите, покажуваат резултатите врз основа на 95,1 отсто од преброените гласови, пренесува Ројтерс повикувајќи се на турски медиуми.
Кога станува збор за резултатите на парламентарните избори, партијата на Ердоган Партија на правда и развој освои 42,68 отсто од гласовите, покажуваат резултатите врз основа на 95,2 отсто од преброените гласови.
Главната опозициска партија Народна републиканска партија освои 22,55 отсто од гласовите, додека спјузниците на Ердоган, Партија на националното движење доби 11,28 отсто од гласовите, наведуваат медиумите.
Прокурдската Народна демократска партија освои 10,94 отсто од гласовите, што е за околу еден процент над цензусот потреен за влез во парламентот, покажуваат прелиминарните резултати.
Уапсени шест лица за навреда на Ердоган
Турските власти уапсиле шестмина врз основа на обвинение дека го навредувале претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Шестмината се уапсени во саботата вечерта, неколку дена откако на социјалните мрежи на видое снимки биле видени како го пцујат Ердоган, а Анадолија наведува дека се уапсени „заради навреди на државни старешини“.







