Кандидатката на владејачката партија во Мексико, Клаудија Шејнбаум, е победник на претседателските избори што се одржаа вчера, покажуваат излезните анкети.
Мексиканците излегоа на историски избори на кои и се очекуваше за прв пат да изберат жена претседател.
Шеинбаум (61) доби 57,8 отсто од гласовите, а нејзината најблиска противничка, сенаторката од десниот центар Ксочитл Галвез, 29,1 отсто.
Центристичкиот кандидат, Алварез Мајнез, е на трето место со 11,4 отсто од гласовите.
Шефот на владејачката партија, Марио Делгадо, им рече на приврзаниците во Мексико Сити дека Шејнбаум победила со голема разлика.
Шејнбаум, климатски научник и поранешна градоначалничка на Мексико Сити, е долгогодишен сојузник на сегашниот левичарски популистички претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кому не му беше дозволено повторно да се кандидира после шест години на функцијата.
Таа ги отфрли тврдењата на опозицијата дека ќе биде „марионета“ на Лопез Обрадор, иако вети дека ќе продолжи со многу од неговите политики, вклучително и оние кои им помагаат на најсиромашните Мексиканци.
Речиси 100 милиони Мексиканци имаа право да гласаат на вчерашните избори, кога се гласаше и за градоначалник на главниот град, осум гувернерски позиции, за членови на двата дома на парламентот и низа други регионални и локални позиции.
Најголемите избори некогаш одржани во Мексико беа и најнасилните во модерната историја, со убиство на 38 кандидати. Насилството ја поттикна загриженоста за демократијата заради завојуваните нарко-картели. Вчера две лица беа убиени на избирачки места во државата Пуебла.
Победата за Шејнбаум претставува голем чекор за Мексико, земја позната по својата мачо култура.
Победникот треба да започне со шестгодишниот мандат на 1 октомври.
(Фото: Јури Кортез / АФП)







