– Изборниот штаб на актуелниот претседател Доналд Трамп, кој се кандидира за втор мандат, се откажа од клучниот дел од своите тврдења за пребројувањето на гласовите во Пенсилванија. Изменетата жалба е објавена во електронската база на податоци на сојузниот државен суд.
Сега документот не содржи обвинувања дека изборните службеници ги прекршиле уставните права на претставниците на кампањата на американскиот претседател, ограничувајќи ја можноста на републиканците да го набудуваат пребројувањето на гласовите. Адвокатот на Трамп, Рудолф Џулијани, постојано повторуваше дека повеќе од 600.000 гласови дадени во Филаделфија и Питсбург треба да се сметаат за неважечки.
Правниот тим на Трамп сега се фокусира на обвинувањата дека републиканците биле во неповолна положба поради фактот што некои изборни региони, каде контрола имаат демократите, им дозволиле на службениците да ги поправаат грешките во гласачките ливчиња, испратени по пошта. Претходно, државни претставници изјавија дека ова се однесува на многу мал број гласови.
Адвокатот на Демократите Клиф Левин пред новинарите изјави дека овие републикански тврдења „немаат апсолутно никакво влијание врз вкупното пребројување на гласовите или врз победата на Џо Бајден над Доналд Трамп“.







