После 12 години на власт, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху може да си замине од функцијата, а рокот за донесување таква одлука истекува вечерва на полноќ.
До тогаш, Јари Лапид (58), лидер и основач на опозициската партија од центарот Јеш Атид, треба да соопшти дали постигнал договор за формирање коалициски кабинет со ултранационалистички ориентираниот Нафталиј Бенет, претседател на партијата Јамина.
Нетанјаху и понатаму се обидува да спаси се што би можело да се спаси. Вчера тој изјави дека „ќе направи се за да формира влада за национално единство со пријателот Лапид“.
„Потегот на Бенет е измама на векот, рече Нетанјаху, кој, вели, оти тврди дека „коалицијата со левицата, дел од десницата и центарот ќе биде опасност по безбедноста на земјата“.
Во Израел овие денови се случи нешто што во политиката е исклучително ретко – партиите со дијаметрално спротивни програми, од левицата, десницата и центарот, се здружија со единствена цел: да го турнат од власт Нетанјаху, премиер со најдолг стаж во националната историја.
На изборите во март, тој не успеа да освои доволен број на гласови со својата партија Ликуд, меѓу останатото затоа што му се суди за корупција. Избивањето на новиот воен судир со Палестинците дополнително ги „поткопа“ шансите на Нетанјаху. Заради тоа, на почетокот на мај, израелскиот претседател Рувен Ривлин го именуваше Лапид за мандатар.
Јари Лапид, израелски политичар, актер, новинар и поранешен ТВ водител има српско потекло. Во Нови Сад е роден неговиот татко Јозеф Томи Лапид, кој после Втората светска војна се преселил во Израел, каде што ги извршувал функциите вицепремиер и министер за правда.
(Фото: АП)