Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, оваа недела ќе свика состанок на израелската воена влада за да разговара со министрите за деталите за нападот на Рафах, град на југот на Газа каде што се засолнија повеќето Палестинци кои живеат на, од сите страни блокираната, палестинска територија.
Израелските медиуми јавуваат дека премиерот презентирал план за евакуација на Рафах со цел да се избегнат цивилни жртви.
Нетанјаху во саботата доцна навечер на министрите им ги пренел заклучоците од мировните преговори со Хамас што викендов се одржуваа во Париз, а договорено е тие да продолжат во Катар, кој е еден од главните посредници меѓу Израел и Хамас. Дел од разговорите ќе се водат и во Египет, кој се подготвува за потенцијален егзодус на Палестинците од Газа преку јужната граница.
Нетанјаху со тоа испрати порака дека Израел не се откажува од нападот на градот со над милион луѓе, главно бегалци од другите делови на Газа, во кој копнената офанзива би била еднаква на страшно крвопролевање, поради што веќе со недели, колку што се споменува копнената инвазија, протестираат сите сојузници на Израел, особено САД.
Нетанјаху во интервју за Си-Би-Ес рече дека договорот за примирје може само да ја одложи операцијата, но нема да ја спречи.
„Не можеме таму да ја оставиме администрацијата на Хамас. Не можеме во Рафах да оставиме една четвртина од војниците на Хамас и да кажеме дека тоа е во ред. Ако се договориме, операцијата ќе биде малку одложена. Но, ќе се случи. Ако не се договориме, тогаш тргнуваме во акција. Тоа треба да се направи“, рече израелскиот премиер, кој викендов се соочи со протести еднакво големи и жестоки како што беа пред 7 октомври и почетокот на војната во Газа, на кои поради недемократски потези се бараше негово заминување.
Многу Израелци, дури и сега, среде војната, бараат предвремени избори и не се согласуваат со ултрадесничарската коалициска влада на Нетанјаху, која не само што не сака да се откаже од срамнувањето на Газа со земја, туку сака и да изгради нови палестински населби таму.
Посебно гласни се членовите на семејствата на заложниците кои сакаат владата да направи се за да ги врати дома живи и што поскоро, а не да ги жртвува за некаква сомнителна воена победа.
Од Хамас, по последните преговори, изјавија дека нема да ослободат нови заложници без договор за траен прекин на огнот.
Освен тоа, се погласни се оние кои бараат конечно решение со две држави, а тоа беше пораката од штотуку одржаниот состанок на Г20. Меѓутоа, каква било акција во оваа насока е невозможна додека на власт се најголемите израелски десничари.
Во Париз се поставени основните контури на договорот за ново примирје, на кое се надева целиот свет.
Помеѓу 30 и 40 заробени израелски заложници ќе бидат ослободени и разменети за до 300 палестински затвореници. Прекинот на огнот би траел до шест недели. Предвидено е и пропуштање на конвоите со хуманитарна помош за Газа.
Прекинот на борбите би се совпаднал со светиот муслимански месец Рамазан, месецот на пости и молитви, но, според многумина, жителите на Газа четири месеци „постат и се молат“.
Египетски извори соопштија дека за време на паузата од борбите ќе продолжат преговорите и потоа ќе се направи обид да се реши прашањето за останатите израелски заложници, кои во Газа ги има 134. Паузата ќе им помогне и на болниците во Газа. Од вкупно 34 функционираат само 13, и тоа делумно или минимално.
„Гардијан“ напоменува дека оваа недела, додека израелските воздушни и морски напади продолжуваат, бројот на загинати Палестинци би можел да надмине неверојатни 30.000.
Иако израелската влада е под притисок од сите страни, минатата недела, вечерта непосредно пред пристигнувањето на преговарачките делегации во Париз, Нетанјаху ги објави деталите за планот на Израел за Газа после војната. Во него нема ниту збор за палестинска самоуправа. Газа, се вели во него, би се разоружала, а Израел би ја презел контролата над безбедноста, а во училиштата и други институции кои би биле управувани од соседните арапски земји би биле воведени програми за дерадикализација.
(Фото: Макфакс)







