Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска пред амбасадорите од земјите-членки на Европската унија рече дека безбедносната состојба на државните граници во моментов е генерално поволна.
Како главни предизвици тој ги издвои илегалното минување, криумчарењето мигранти и секундарните движења на мигрантите, но не се регистрирани, напомена, посериозни загрозувања на јавниот ред и мир и јавното здравје како резултат на мигрантската криза.
„Во првите десет месеци спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани. Најголем дел од обидите за илегални преминувања, впрочем како и во претходните години, се спречени на јужната граница со Република Грција, 20.858. Во однос на земјата на потекло на мигрантите, доминираат мигрантите од Сирија со 9.290, а во првите топ пет земји се вбројуваат и мигранти од Пакистан, 5.324, Авганистан 1.737, но и Индија, Мароко и Куба“, рече Спасовски.
Тој истакна дека досегашната соработка во справувањето со илегалната миграција покажа дека кога се работи заедно, може успешно да се решат предизвиците.
„Со потпишувањето на Договорот помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од Агенцијата за гранична и крајбрежна стража во земјава, воспоставивме одржливи, трајни решенија за справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основните принципи на кои се темели меѓусебната соработка. Имплементацијата на овој Договор ќе придонесе за посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани, како и за ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијалните идни закани, а со тоа, како што додаде, и за справување со сериозниот криминал со прекугранична димензија, рече министерот.
Во однос на нелегалната миграција, тој ги издвои преминувањата на „Западнобалканската рута“, како и влијанието на руската агресија врз Украина, при што информираше за аналитичките согледувања на ФРОНТЕКС кои укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија.
Годинава пријавени се над 178.000 илегални преминувања од мигранти по „Западнобалканската рута“, што е за 75 отсто повеќе од истиот период лани.
(Фото: „Ројтерс“)







