Интерпол денеска распиша меѓународна потерница за исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје, по која се трага трет ден.
Вања исчезна во понеделникот наутро на пат кон училиште во скопската населба Дебар Маало.
Министерството за внатрешни работи вчера објави нејзина фотографија со опис во билтенот за исчезнати, а нејзината фотографија се споделува и на социјалните мрежи.
Mајката на Вања во понеделникот на Фејсбук напиша дека девојчето излегло од дома во 7.20 за на училиште и оттогаш и се губи секаква трага. Последниот сигнал од нејзиниот телефон е лоциран на улицата „Партизанска“ спроти Универзална сала во Скопје.
Откако порталот „Курир“ денеска, повикувајќи се на свои изори од истрагата, објави дека 14 годишната Вања Ѓорчевска е пронајдена жива и здрава во една соседна држава, од МВР се огласија со демант.
„Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите објавени на порталот ‘Курир’ дека 14-годишната В.Ѓ., за која на 27 овој месец беше пријавено дека исчезнала, наводно е пронајдена во соседна држава.
Станува збор за комплетно лажна вест во која непознатиот автор се повикува на наводни ‘извори од истрагата’, а притоа со Одделот за односи со јавност при МВР воопшто не ја направи задолжителната проверка на наводите, и покрај бројните апели од полицијата, а и од родителите на малолетничката, да не се пласираат дезинформации со кои само може да се наштети на истрагата.
Како што МВР редовно информираше деновиве, за решавање на случајот и пронаоѓање на лицето е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн.
Истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето. Воедно, апелираме да не се шират дезинформации… МВР постојано ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на малолетничката“, се наведува во полициското соопштение објавено доцна попладнево.







