На петчлена бугарска криминална организација во Лондон и се суди за измама која Државното обвинителство ја опиша како најголема измама поврзана со финансиски олеснувања во Англија и Велс.
Групата од три жени и двајца мажи, Галина Николова (38), Стојан Стојанов (27), Цветка Тодорова (52), Ѓунеш Али (33) и Патриција Панева (26), во периодот меѓу 2016 и 2021 година, преку Универзалниот кредитен систем, институција која врши месечни уплати на невработени, користејќи идентитети на различни луѓе поднела повеќе од 6.000 лажни барања.
Бугарските криминалци живееле луксузен живот на заеми во вредност од речиси 53,9 милиони фунти кои ги „украле“ со својата софистицирана тактика.
Поднесувале лажни барања за таканаречен „универзален кредит“, а на секое поднесено барање пишувале различен број на мобилен телефон и низа лажни документи, вклучувајќи договори за закуп, фалсификувани документи за висината на платата и фалсификувани писма од лекари од општа пракса, сопственици на станови и вработени. Доколку барањето било одбиено, се обиделе повторно, се додека не успеат, пишува британскиот весник „Сан“.
Во некои од барањата користеле вистински податоци од луѓе, кои и плаќале на групата за да поднесат барање во нивно име.
Во моментов се работи на враќање на огромни суми пари, а се смета дека добар дел од нив се потрошени за недвижни имоти во Бугарија.
Најголемата истрага за измама во Велика Британија беше покрената кога во барањата се појавиле формулари со повторени имиња и адреси.
Полицајците заплениле повеќе од 900 дигитални уреди и пронашле 750.000 фунти во готовина, скриени во куфер под кревет.
Нивниот имот бил замрзнат после апсењето и упадот на полицајците на имотите на почетокот на мај пред три години. Купишта банкноти биле пронајдени скриени околу нивните домови, а на еден од одземените мобилни телефони имало видео-снимка на која се гледа еден од групата, Ѓунеш Али, како фрла пари низ станот додека, пак, непозната жена ги собирала.
Откако беше ослободен од притвор, за да се брани од слобода, Али побегна од Британија во Бугарија, а потоа беше фатен и во февруари минатата година вратен назад, за да се соочи со правдата.
Бен Рид, специјален обвинител за економски и организиран криминал, случајот го нарече „многу сериозен напад“ врз системот за финансиска помош на Велика Британија.
Објаснувајќи како криминалната банда опстојувала толку долго, Рид за „Сан“ изјави:
„Кога би поминале по улицата во Вуд Грин, ќе видите продавница на аголот и би ви се чинело сето тоа легитимно. А, во неа ништо необично. Од лево и од десно полици со храна и пијалоци. Но, во задниот дел има дополнителни простории со маси и компјутери.“
И додаде:
„Бандата од тие простории поднела илјадници лажни барања до Одделот за вработување и пензии поткрепени со лажни документи, како што се договори за закуп, договори за вработување и слично. Изведоа континуиран напад на системот дизајниран да ги поддржи најранливите категории луѓе во нашето општество и го третирале како банкомат за финансирање на нивниот раскошен начин на живот.“
Во ноември, откако членовите на бандата беа уапсени, Министерството за труд и пензиски систем воведе подобрен процес за проверка на барањата за универзален кредит.
Мел Страјд, државен секретар во тоа министерство рече:
„Неизмерно сум горд на работата на истражителите, и мојата порака е јасна, ако вршите измама за корист, ако го мамите даночниот обврзник, ние ќе ве фатиме“.
Пол Мејнард, министерот одговорен за борба против измами, нагласи дека сега работат понапорно на откривање на измамниците и дека новиот план и стратегија ќе им помогнат да ги намалат.







