Германскиот синдикат, Верди, бара авиокомпанијата „Луфтханза“ веднаш да им исплати на своите вработени отштета од по 3.000 евра поради инфлацијата. За денеска на работничките собири се поканети вработените во Франкфурт, Минхен, Хамбург и Дизелдорф. Собирите ќе бидат за време на паузите и во слободно време, за да не се одразат на работењето.
Синдикатот пред неколку месеци од „Луфтханза“ пораба премија заради инфлацијата, кога компанијата објави податоци кои покажаа неочекувано брзо враќање на профитабилноста.
Фирмата тогаш го одби барањето и се повика на подоцнежни колективни преговори.
Според одлуката на германската влада, на вработените до крајот на 2024 година може да им се одобри еднократна исплата до 3.000 евра, во која не се пресметуваат даноци и такси.
Верди, меѓутоа, сака да ја оствари исплатата веќе ова лето.
„’Луфтханза’ заборави како да инвестира во ДНК на групата, во нејзиниот персонал“, рече лидерот на синдикатот Верди, Марвин Решински, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Како што додаде, посебно во моменти кога „Луфтханза“ на своите патници не може да им обезбеди нормална услуга, мотивацијата на персоналот е од исклучителна важност.







