Авион на „Кореја ерлајнс“ со 230 луѓе е евакуиран утринава пред полетувањето на меѓународниот аеродром Инчеон во Јужна Кореја, откако во него биле пронајдени куршуми, соопшти полицијата.
Авионот требало да полета за Манила во 7.45 часот, а по безбедносната проверка утврдена дека нема непосредна закана од тероризам, полета во 11 часот.
Куршумите од 9 милиметри ги пронашол патник непосредно пред авионот да полета со 218 патници и 12 членови на екипажот, по што авионот се вратил на терминалот.
„Истражуваме како куршумите се внесени во авионот“, изјави полициски офицер за настанов.
Претставник на „Кореја ерлајнс“ истакна дека авиокомпанијата ги следи резултатите од полициската истрага.
Јужна Кореја има строги закони за оружје, а нелегалното поседување огнено оружје предвидува затворска казна до 15 години и парична казна до 100 милиони вони.







