Премиерот Зоран Заев ја истакна можноста дека и ДПА може да стане дел од владината коалиција ако, се разбира, ги прифаќа програмата и проектите за кои Владата се залага.
Тој посочи дека владините порти се отворени за сите чија цел е просперитетна и европска Македонија. Со ДПА, рече, дека до сега не разговарале на оваа тема, но дека не исклучува промени во Владата после локалните избори.
„Јас реков и претходно, сите варијанти се отворени. Секако ние имаме стабилна влада, а мнозинството очекувам да расте. Една од алтернативите е и ДПА да биде дел од Владата. Важно е програмата да биде прифатена, да стојат зад проектите кои сме ги ветиле пред граѓаните и нив заедно да ги реализираме. Досега не сме разговарале. Локалните избори се многу важни, општините се многу важни и нема да е за чудо тоа ако предизвика одредени промени. Но, нема да е за чудо ако останат истите позиции. Ние сме подготвени да градиме пријателство со сите. Се надеваме дека капацитетот и бројноста во Парламентот ќе расте, но се надевам и дека идната опозиција ќе биде уште поконструктивна, директно вклучена во сите процеси во Македонија, зашто силна опозиција значи силна власт“, изјави Заев, одговорајќи на новинарско прашање за шпекулациите дека ДПА ќе влезе во Владата на местото на Алијансата за Албанците.







