Атмосферата во Србија е тешка. Мачна. Наставниците разговараат со децата, но… Последиците ќе се видат дури во иднина, порачаа синдикалците од Ниш за време на симболичниот еднодневен прекин на работата во училиштата во Србија, предизвикан од трагедијата во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, утрото на 3 мај, кога осомничениот ученик (13) од огнено оружје уби осум деца и еден работник од обезбедувањето, а рани седуммина.
Неполни два дена подоцна, дваесет и едногодишниот У.Б. уби осум лица, меѓу нив и еден полицаец, а рани 13 други, во околината на Младеновац.
Државните власти пукањето го прогласија за „терористички акт“.
Двајцата осомничени се уапсени, а Владата донесе десет мерки предложени од Александар Вучиќ за да „не се повторат злосторствата“, вклучително и „разоружување на Србија“, построга казнена политика, контрола на медиумското известување и ограничување на содржината на Интернет за деца.
Со едногласен заклучок на државните функционери дека системот „не затаил“, прогласена е тридневна национална жалост.
Од тогаш по плоштадите и улиците во Србија може да се видат сцени на поворки и палење свеќи.
Се нуди бесплатно психолошко советување на секој кој смета дека тоа му е неопходно. Илјадници луѓе се собираат во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Горњи Милановац, Чачак, Зрењанин, Неготин и други градови за да им оддадат почит на жртвите. Предлози за итно свикување седница на Собранието на Србија, итен прекин на учебната година, оставки од директорите па до претседателот на Србија… стигнуваат од сите страни.
Во исто време, по системот на познатиот ефект на „копирање“, само еден ден по трагедијата во „Рибникар“, се евидентирани 25 полициски интервенции „поради неодговорното однесување на младите“, кои ги имитирале или поддржувале злосторствата.
Медиумите забележуваат дека поддршка за масовните убиства или заканите дека ќе ги извршат самата доаѓаше, главно преку социјалните мрежи, и главно од млади луѓе, од Белград, Нови Сад, Ниш, Сремска Митровица, Рума, места во близина на Нови Пазар, околината на Чачак…
На овој начин, сите тие несвесно, директно или индиректно, му порачаа на безгрешниот претседател и неговите соработници дека се попусти нивните тврдења оти во никој случај не се одговорни за невините луѓе во ковчезите и за ескалацијата на насилството во општеството.
Дури и врапчињата знаат дека институциите во Србија пропаѓаат и дека дивјаштво од овој тип датира од воените 90-ти, кога речиси истите луѓе владееја со Србија, па се до денес кога насилство, ароганција и проимитивизам се промовираат од Народното собрание до провладините таблоиди, а претседателот на „своите“ медиуми поминува часови и часови кажувајќи како членовите на групата на Беливук правеле ќебапи од луѓе.
И, што после се’ треба да се очекува? Дека Србија ќе стане зелена ливада полна со цвеќиња?
(Фото: „Данас“)







