Академик Владо Камбовски смета не смее организирано да се води кампања за бојкот и дека тоа дело е казниво со закон.
Камбовски во изјава за СДК вели дека секој може јавно да го каже својот став за референдумот но организирањето на бојкот според него се коси со Кривичниот законик.
„ Никој не смее да ги организира граѓаните да не се изјаснат. Политичките партии треба да се тргнат од таа работа. Не е ни етички ни морално да агитирате, да делите материјали, да одржувате собири или протести со цел да ги убедувате граѓаните да го бојкотираат изјаснувањето „за“ или „против“ референдумското прашање. Референдумското прашање е изгласано и референдумот е закажан со одлука на Собранието. Таа одлука е законита. Тоа е како судот да донел одлука (пресуда), а некој да ги организира граѓаните таа законска одлука да не се спроведе“, споредува Камбовски.
СДК го цитира член 387 од Кривичниот законик во кој како што пишува „прецизно“ се вели дека не смее да се „Организира отпор“ и дека за тоа се заканува казна од 5 години затвор
„(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години“.
Организирана кампања за бојкот на референдумот не е ништо ново на македонската политичка сцена. Актуелната власт на СДСМ со речи си идентичната гарнитура на политичари го бојкотираше референдумот против територијалната организација во 2004 година и за тоа водеше и кампања под наслов „Некои прашања не заслужуваат одговор“
Во Македонија, до сега само пратеникот Антонио Милошоски јавно најави дека ќе води кампања за бојкот на референдумот и за тоа побара средства кои од Собранието му следат согласно законот.
Пратениците од мнозинството очекувано побараа пари за поддршка на референудмот додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека неговата партија нема да побара средства.







