Македонските лидери да дозволат формирање влада без одложување, побара министерката за надворешни работи на Канада, Кристија Фриленд.
„Канада ги повикува македонските лидери да го дозволат формирањето на новата влада без одложување. Апелираме до сите страни да продолжат со поддршката и јакнењето на нашите заеднички демократски принципи, вклучително и почитување на демократските институции и владеењето на правото“, се наведува во соопштението испратено од министерката Фриленд во врска со случувањата во Македонија.
Таа апелира претседателот на државата да ја изврши својата уставна обврска и да го прифати формирањето на новата влада што следува по парламентарните избори во Македонија одржани на 11 декември 2016 година.
„Очекуваме дека преземените следни чекори на претставниците на властите во Скопје, вклучително и претседателот, ќе бидат во согласност со демократскиот процес и Уставот“, стои во соопштението.
Канада ги повикува сите страни на воздржаност и делување во насока на она што е во најдобар интерес за Македонија и сите нејзини граѓани.







