Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во интервју за грчкото радио „Њуз247“ изрази убеденост дека Договорот од Преспа без проблем ќе помине во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина
Тој се надева дека Каменос нема да биде причина владата да го заврши мандатот порано од предвиденото, односно пред септември 2019.
„Договорот ќе помине во парламентот. Ќе постои поголемо мнозинство од ова што во овој момент го имаме како влада и сакам да се надевам дека министерот за национална одбрана ќе го задржи она што го изјави, дека владата има рок на траење до септември 2019, рече шефот на грчката дипломатија.
Катругалос во интервјуто се повика на изјавата на портпаролот на владата Ѕанакопулос дека грчкиот Устав не предвидува зголемено мнозинство за конкретното прашање, како што бара Каменос, но рече дека кога ќе дојде време ќе се разгледа барањето.







